Иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование на околу 200 професори

30.12.2014 17:25

„Како одговорни граѓани не смееме да останеме неми пред обидите за тесна политичка манипулација на високото образование. Државниот испит ќе ја исполни основната и единствена цел заради која се воведува – поквалитетен кадар“. Ова е дел од иницијативата за поддршка на знаењето во високото образование на која се потпишани околу 200 професори. Велат дека не ја повредува автономијата на универзитетот...

Група професори од универзитетите во земјава кои се за воведување на државниот испит се здружија во иницијатива со мото - „За поддршка на знаењето во високото образование“.

Во иницијативата на која се потпишани околу 200 професори стои:  

„Како одговорни граѓани не смееме да останеме неми пред обидите за тесна политичка манипулација на високото образование во Македонија. Цврсто убедени дека воведувањето на државниот испит во високото образование ќе ја исполни основната и единствена цел заради која се воведува, со индигнација ги отфрламе сите инсинуации дека со воведувањето на државниот испит се правел упад во автономијата на универзитетот“.

Професорите се согласни дека државниот испит не е спротивен на уставот и не ја повредува универзитетска автономија бидејќи ќе ја спроведува Одборот за акдредитација чии што членови ќе бидат избрани од Собранието.

Професорите со оваа иницијатива велат „не“ за бизнис интересите, профитерите и манипулациите во високото образование.  Велат „не“ за купените дипломи, „не“ за оценките со протекции, „не“ за нелојалната конкуренција во и меѓу факултетите и универзитетите, а големо „да“ за знаењето и за квалитетот во високото образование, стои во иницијативата.  

 

Викторија Тодоровска