Индонезија: Пронајдени остатоците од исчезнатиот авион

30.12.2014 17:32

Директорот на Националната агенција за спасување соопшти дека спасувачките тимови досега извлекле три тела од морето во Индонезија, поправајќи го претходно објавениот податок дека станува збор за 40...

Индонезиските власти објавија дека пронајдените остатоци во Јаванското море се од исчезнатиот авион на „Ер Азија“ којшто со 162 лица се урнал во морето кај островот Јава. Лошата вест што оддекна низ светот им зададе тежок удар на семејствата на исчезнатите патници.

Директорот на Националната агенција за спасување соопшти дека спасувачките тимови досега извлекле три тела од морето во Индонезија, поправајќи го претходно објавениот податок дека станува збор за 40.

Екипажот на воениот брод „Херкул“ открил објект кој го опишала како „сенка во облик на авион“ на дното од морето, по што потрагата беше сконцентрирана во таа област. Болниците во индонезискиот град Сурабаја се целосно подготвени за помош и за идентификација на жртвите. Нема податоци за пронајдени живи луѓе.

Пронајдени се и повеќе предмети меѓу кои и елеци за спасување, седишта од авионот и тобогани за итна евакуација.

Директорот на воздухопловната компанија „Ер Азија“ изразувајќи им сочувство. На Твитер напиша:

„Моето срце е исполнето со тага заедно со семејствата чии членови настрадаа. Во име на компанијата им изразувам сочувство“.

На семејствата на настраданите им се обрати и претседателот на Индонезија:

„Моето најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите патници и на екипажот. Ја чусвтвувам нивната загуба и ќе се молам да добијат храброст  и сила за да се соочат со оваа трагедија. Ќе се фокусираме на евакуација на патниците и на екипажот што е можно побрзо. Масовната потрага и спасувачката потрага ќе продолжи и изутрина засилена со бродови и хеликоптери“, изјави Јоко Видодо, претседател на Индонезија.

Лошото време, високите бранови и силниот ветар ја отежнуваат операцијата. Индонезискиот Ербас А320 – 200 исчезна во неделата за време на летот од Сурабаја кон Сингапур 40 минути по летнувањето. Токму пред да биде загубен контактот, пилотот побарал дозвола да се искачи на поголема висина за да го избегне лошото време.

Марина Автовска