Нова година- граѓаните најмногу трошат за храна
Вистинска мешаница низ продавниците во Скопје. Најмногу се троши за храна. Трговците велат дека месото и чоколадите одат како алва...

Редици на касите, полни корпи и колички, супермаркетите со празнични понуди. На два дена пред Новата година најмногу се трошат месото, чоколадите и пијалаците. Се даваат пари, повеќе од планираното. Еден е есапот од дома, а друг е на каса.
„Побарувачката е најголема за свежо месо, бидејќи имаме одлична понуда, понатаму чоколади, пакетчиња, деликатеси, сувомеснати и млечни производи, секако и пијалаци“, велат од супермаркетот Тинекс.
Трговците тријат раце. За нив декември е најдобар месец во годината за продажба.
„Имаме зголемен промент во однос на минатата година, тоа е очекувано и мислам дека се должи на подобрата понуда“, велат од КАМ маркет.
Во претпоследниот ден од 2014-тата, празнична атмосфера и во рестораните.
Кафеанџиите годинава со поевтини понуди од ланските. Новогодишното мени со музика во скопските кафеани чини од 2 до 3 илјади денари.
„Некаде околу 65% сме распродадени, очекуваме до утре да се пополни се“, изјави Мирко Голомеиќ, сопственик на кафеана.
Нешто поевтини за славење се кафулињата.
„1.300 денари во кои е вклучено и мези, а се што сакате да се напитете си го плаќате по региларна цена“, велат од кафулињата.
Но, има и такви кои вечерта ќе ја поминат поскромно и во домашна атмосфера.
Но, и дома славењето нема да биде кој знае колку поевтино. За сарма, руска салата, кифлички, ќе треба да се одвојат најмалку 1.500 денари.
Без разлика дали ќе празнувате во кафеана, надвор од земјава или дома покрај телевизорот, се чини пари, а забавата ќе зависи од големината и длабочината на паричникот.
Сунчица Николовска
