Инцидент во грчки води: Брод со 700 мигранти бара помош поради вооружени лица
Бродот е упатен кон Италија, иако првичната дестинација му беше Хрватска и повеќе не се наоѓа во грчки води...
Нов инцидент во Јонското Море откако молдавски товарен брод во близина на Крф испратил сигнал за помош. Претходно, еден од патниците преку телефон информирал дека на бродот има вооружени лица, а дека патниците немаат вода, храна и ќебиња. Грчките поморски власти со воени бродови и хеликоптери тргнаа во пресрет на бродот со име Блу Скај во кој што се превезуваат околу 700 нелегални мигранти. Според последните неофицијални информации, грчките власти стапиле во контакт со капетанот на Блу Скај кој што им соопштил дека бродот не се наоѓа во опасност и дека не им е потребна никаква помош. Бродот е упатен кон Италија, иако првичната дестинација му беше Хрватска и повеќе не се наоѓа во грчки води.
Според италијанските медиуми пак, СОС сигналот не бил испратен поради вооружени лица туку поради проблеми со моторот.
Овој инцидент се случува во непосредна близина на местото каде што пред само два дена избувна пожар на грчкиот ферибот Норман Атлантик на кој што се превезуваа близу 500 лица. И оваа спасувачка акција сеуште е во тек.
Траектот сеуште плови без контрола. Ја продолжуваме потрагата по исчезнатите со хеликоптери и со авиони, информира претставникот на италијанската воена морнарица Џовани де Џорџи.
Во оваа трагедија досега животот го загубија 10 лица, а 40 се изчезнати.
Марија Котовска – постојан дописник на МРТ од Атина
