Ниските температури не ги попречија велешани во секојдневните обврски
Нема зголемен број на повици и во Итната медицинска служба. Од аптеките велат дека зголемена е побарувачката на парацетамол, андол и витамини...
Со температура од девет степени под нулата, велешани го дочекаа утрото од претпоследниот ден во оваа година. Точно напладне, надворешните термометри покажуваат температура од -6. Во центарот на градот вообичаена развдиженост. Ниските температури не ги попречија велешани во секојдневните обврски.
„Полека, полека се навикнуваме, ќе биде уште поладно.“
„Облечени убаво е, не треба да не изненадува времето во декември, супер е.“
„Штетните работи кои ги има, болести и други работи ги уништува мразот и тоа е благослов од Господа“, велат анкетираните велешани.
Велес памети и многу пониски температури, но по најавите за екстрмен студ, локалната власт се подготвува за брза реакција.
„Ги одредивме сегментите каде треба да се делува, мобилноста ја покачивме на едно повисоко ниво, така да сме подготвени за се она што следи во едно зимско време“, изјави градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.
Нема зголемен број на повици и во Итната медицинска служба. Од аптеките велат дека зголемена е побарувачката на парацетамол, андол и витамини.
Од Центарот за справување со кризи информираат дека и покрај ниските температури Велес во изминатите 24 часа функционирал нормално. Немало дојави за прекин на електрична енергија ниту пак за проблеми со водоснабдувањето.
Дијана Иванова
