Ивановски: Македонија во чекор со глобалните ИКТ трендови

31.12.2014 12:54

Република Македонија оваа година, во 13-то издание на Глобалниот извештај за информатичка технологија објавено од Светскиот Економски Форум е рангирана на 57 место, што претставува напредок за 10 места од минатата 2013 година...

Успешна година во информатичката област во Македонија, особено во делот на користењето на интернетот и неговата распространетост во земјата, како и скок на меѓународната рејтинг листа за информатичка технологија. Ова е генералната оценка на министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

„Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства е зголемено од 65 % во 2013 година, на 67,7% во 2014 година. Речиси сите или 99,1 % домаќинства со интернет пристап, имале широкопојасно (фиксно или мобилно) поврзување на интернет. Од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, компјутер користеле 67,6%, a интернет користеле 68,1 %. Интернет најмногу користеле учениците и студентите, односно 96,3 %“, изјави Ивановски сублимирајќи ги податоците од Државниот завод за статистика.

Република Македонија оваа година, во 13-то издание на Глобалниот извештај за информатичка технологија објавено од Светскиот Економски Форум е рангирана на 57 место, што претставува напредок за 10 места од минатата 2013 година.

„Според бројот на интернет корисници во вкупното население, Македонија е на 43 место, според бројот на мобилни корисници на 82 место, потоа според домаќинствата што имаат интернет сме на 49 место, широкопојасен интернет на 48, домаќинства што имаат компјутер 55 место итн“, додаде Ивановски.

Исто така, министерството годинава започна со подготовка на две ИКТ стратегии - едната на краток рок до 2017 година и втората на подолг рок до 2020 година. Се подготвува и стратегија за креирање на Дигитална одржлива економија, која ќе биде вклопена во ИКТ стратегиите.

„Сите статистики, анализи и стратегии во подготовка, претставуваат добра основа и во наредната 2015 година, да го подигнеме степенот на развој на информатичкото општество во земјата, кое покрај другото ќе стимулира и нови работни места и зголемување на националниот економски раст“, нагласи министерот Ивановски.