Најмалку 25 нови странски компании ќе инвестираат во Македонија во 2015-та

31.12.2014 16:19

Ако минатата година ветив дека најмалку 20 странски компании ќе донесат и објават одлука за инвестирање во Македонија, што и се оствари и надмина, сега можам да ветам дека најмалку 25 нови компании во 2015-та ќе го направат тоа - најави премиерот, Никола Груевски...

2014- та беше година на многу предизвици и проблеми, но, и успеси. На економски план, Македонија во првите  три квартали имаше трет највисок раст во Европа, веднаш  зад Англија и Ирска, што воедно, резимира премиерот Груевски во новогодишното  обраќање, претставува и континуитет на резултатите од 2013- та. Носители на растот, беа зголемениот извоз, градежништвото и зголемувањето на потрошувачката, чиј  генератор се пак зголемените пензии, социјалната помош и платите во јавниот  сектор.

Свежиот странски капитал ја раздвижи и домашната економија и донесе и нови  вработувања, со што процентот на невработеноста падна од наследените 38 на 27,9%, вели Груевски.  

„Фактот што Светската банка не сврстува во 30-те најдобри земји во светот според условите за водење бизнис, ни гарантира успех и за 2015-та, а досега стекнатото искуство, ми дава за право, ако минатата година ветив дека најмалку 20 странски компании ќе донесат и објават одлука за инвестирање во Македонија, што и се оствари и надмина, сега можам да ветам дека најмалку 25 нови компании во 2015-та ќе го направат истото“, нагласи во обраќањето премиерот Груевски.

За 2015- та претседателот на владата најави дека ќе продолжат инвестициите во здравството, земјоделието, културата, спортот, енергетиката заштитата на животниот  простор.

Во фокусот останува и образованието. Целта, според премиерот, е да се обезбеди  квалиетен високообразовен кадар. Од 2018-та обрврска за секој универзитетски  професор ќе бидат најмалку два објавени  труда во период од 5 години на „Веб оф сајанс“ . Ова на краток рок, ќе го наруши нивниот комодитет, но долгорочно смета претседателот на владата, сите ќе добиеме.

„Ова предизвика вознемиреност кај дел од македонските професори, која резултираше и со протести, но на Македонија и се потребни квалитетни професори и напредни научници, кои својот квалитет нема да го мерат само локално меѓу себе преку колумни низ дневните весници и бистрење политика, туку меѓународно со своите колеги од сите напредни држави“, вели Груевски

2014-та беше изборна година во која опозицијата го доживеа најтешкиот пораз. Јас се  надавам, порача Груевски, дека во годинава што е пред нас тие ќе успеат да ја  извлечат поуката од сопствените грешки и ќе ја разберат порака од народот.

„Од нас ќе има подадена рака за соработка секогаш, затоа што тоа е од интерес за нашата држава и за нашиот народ, за демократијата и за иднината. Со гнев, со злоба, без идеи и проекти, со неумесни условувања, со манипулации и интриги не се освојува поддршката на граѓаните“, посочува премиерот Груевски.

На надворешно политички план, ЕУ и НАТО и натаму остануваат приоритет, најави  претседателот на владата, независно од тоа што досегашните 6 позитивни препораки  не ни го донесоа заслуженото поради политиката на нашиот јужен сосед.

 

Виолета Димовска