Иванов на средба со војниците: Македонија да го добие тоа што го заслужи- членство во НАТО
Врховниот командант им посака здравје и успех на вооружените сили, но и остварување на заедничката желба- АРМ конечно да го добие заслуженото...
Свечен пречек за врховниот командант Иванов кој во придружба на првиот човек во одбраната Јолевски и началникот на генералштабот Котевски годинава од касарната во Илинден им ја честиташе Новата година на вооружените сили.
На традиционалната прво јануарска средба дадени и првите рапорти.
Во пакет со честитките и подарок. ТВ приемникот си го најде местото во армиските простории. Врховниот командант им посака здравје и успех на вооружените сили, но и остварување на заедничката желба- АРМ конечно да го добие заслуженото.
„Желбата на сите војници и старешини е конечно оваа година Република Македонија да го добие тоа што го заслужи и што и припаѓа, да биде членка на НАТО“, изјави претседателот Иванов.
Во касарната откриено камен- обележјето како симбол на моќта на специјалната единица „Волци“, пред кое во иднина новите припадници ќе ја даваат свечената заклетава. Информации и за новата опрема која во зимски услови треба да го олесни движењето на вооружените сили.
Финишот на традиционалната прво јануарска средба во воената кантина. Топлата чорба, добредојдена за затоплување, ама шмекот на заедничкиот ручек му го дава прочеуното гравче, кое сварено во војничките казани за кое оние што го пробале велат дека е ненадминливо по вкусот.
Виолета Димовска
