Електроснабдувањето полека се нормализира
02.01.2015 10:12
Според ЕВН Македонија, отстранети се дефектите на двете 35 киловатни врски од Струга кон Суво поле од каде што со електричната енергија се напојуваат Вевчани, Велешта и околните села, а отстранет е и дефектот на 35 киловатната трафостаница...

Состојбата со електроснабдувањето во регионите каде имаше прекин поради интензивните снежни врнежи и силниот ветер полека се нормализира.
Според ЕВН Македонија, отстранети се дефектите на двете 35 киловатни врски од Струга кон Суво поле од каде што со електричната енергија се напојуваат Вевчани, Велешта и околните села, а отстранет е и дефектот на 35 киловатната трафостаница со што нормализирано е снабдувањето со електрична енергија на повеќе населени места кај Лабуништа.
Состојбата се нормализира и во охридскиот регион. Оспособени се 10 киловатниот и 35 киловатниот далновод на потегот кон Градиште со што корисниците од овој регион имаат струја.
ЕВН информира дека критични точки во снабдувањето сеуште има во струшкиот и дебарскиот регион каде интензивно се работи на отстранување на дефектите.
Во струшкиот регион на потегот околу Луково и Јабланица столбовите се тешко пристапни, и екипите на ЕВН тешко се пробиваат до нив, но и вечерва и утре ќе се оди со засилени снимања на теренот и ќе се работи на тоа да се нормализира снабдувањето, велат од ЕВН.
Најкритични се селата во Реканскиот крај на потегот од Жировница до Бошков мост каде комплетно е уништена дистрибутивната мрежа. Таму се прави нова врска и е подигнат нов далекувод од 12 столба, но двата затегнувачки столба кои ја прават врската преку Дебарско езеро се урнати од ветрот и снегот и заедно со проводникот се во езерото. Ваквата состојба, велат од ЕВН, дополнително ги отежнува оперативните работи на терен.
