Употреба на енергетски материјали за топол и економичен дом

02.01.2015 10:19

За топол и економичен дом, особено во ваква зима, треба енергетски ефикасни материјали кои ја штедат енергијата за 30-ина насто и ја враќаат инвестицијата за три години. Граѓаните подготвени да вложат за својот економичен дом. Инвеститорите од нова година и законски обврзани...

Пријатно лето, топла зима. Особено оваа која навестува големи трошоци. Како економично да ја поминеме? Подготвени ли сме да вложиме во изолација и енергетска ефикасност- дограма, фасада, изолиран покрив?

Граѓаните препознаваат.

„Треба задолжително и колку што може побрзо... Ние имаме спроведено промена на дограма, функционира и  има заштеда на топлинската енергија...“, велат граѓаните кои случајно ги анкетиравме.

40 насто од граѓаните веќе ја менуваат дограмата, вршат корекции. Инвестицијата се враќа.

„Доста значителна инвестиција и јас мислам дека за две три години се враќа таа инвестиција“, изјави Љупчо Гелев, занаетчија.

Инстиутциите, училиштата ги вградуваат енергетски ефикасните материјали. За колективното домување има проекти.

„Досега веќе имаме опфатено четири колективни згради кои промениле дограма, веќе ќе менуваат и термо-изолациона фасада.пред потпишување на договор сме со уште две згради, и веќе во преговори сме со уште десетина згради. Со овие интервенции ќе има огромна заштеда на топлинска енергија, ќе има заштеда на сметки, и всушност, тој долгорочно инвестира во тој стан. Покрај направените инвестиции, за 15 до 20 насто се зголемува и продажната цена“, вели Александар Јованоски од локалната самоуправа на Прилеп.

Во Новата година на инвеститорите им треба лиценца да вршат контрола на вградувањето енергетски ефикасни материјали. И задолжителна примена.

„Нема градење без употреба на тоа овластување кое треба да се добие дека објектот ги поседува сите стандарди потребни за таа енергетска ефикасност, пропишана со закон“, изјави Гордан Бошкоски, инвеститор.

До топол и економичен дом не се стигнува тешко. Само пресметката колку  чини загревањето на минус -15 или ладењето на плус 35, велат ја оправдува инвестицијата. Топлинската заштеда од 20 па и 30 проценти ќе ја згрее душата.

 

Елизабета Митреска