Џерард на излезната врата на Ливерпул
Уште есента започнаа шпекулациите околу натамошниот тек на кариерата на 34-годишниот капитен на Ливерпул, за денеска тоа да биде главната спортска вест во Англија...

Двата вчерашни гола на Стивен Џерард во првенствениот натпревар против Лестер паднаа во сенка на веста дека во следната сезона нема да го носи дресот на Ливерпул. Неговиот договор со „Црвените“ истекува на пролет, а според британските медиуми многу мали се шансите да остане во клубот.Новинарите од Островото го најавуваат неговиот премин во Лигата на САД, најверојатно во„ Лос Анџелес Галакси“.
Уште есента започнаа шпекулациите околу натамошниот тек на кариерата на 34-годишниот капитен на Ливерпул, за денеска тоа да биде главната спортска вест во Англија. Една од првите реакции дојде од довчерашниот клупски колега на Џерард, Џејми Карагер: „Ова е тажен ден за Ливерпул и за англискиот фудбал, но мислам дека неговата одлука е правилна.“ Брендан Роџерс, актуелниот менаџер на Ливерпул моментот го коментира со внимание и со голем респект: „Џерард во Ливерпул игра 16 години и тој заслужува најдлабока почит. Мислам дека треба да му оставиме време сеуште да размисли. Тој е веројатно најдобриорт играч, кој воопшто настапувал во Премиер лигата.“
Стивен Џерард дресот на Ливерпул го облече во 1998 година и до сега одигра приближно 700 натпревари. За неговото име се врзани најдобрите резултати на Ливерпул во изминатата деценија, меѓу кои и триумфот во Лигата на шампионите во 2005-та година во Истанбул.Зад себе остави и 114 настапи за англиската репрезентација.
