МРТ во Конгресната библиотека на САД: Трезор на цивилизациските достигнувања
Со над 150 милиони книги, ракописи, уметнички дела, Конгресната библиотека е вистински трезор на цивилизациските достигнувања. Еве што регистрираше екипата на Македонската телевизија која имаше ексклузивно право да ја посети оваа најголема библиотека во Америка...

Конгресната библиотека е најголемата светска ризница на знаење и креативност, со колекција што постојано се обновува.
Библиотеката во моментов се наоѓа во три згради, во кои има над 150 милиони книги, печатени документи, географски карти, фотографии, ракописи, музички и филмски снимки и уметнички дела. Две од најголемите богатства на Конгресната библиотека се рачно пишуваната библија на Мајнц и првата печатена библија на Гутенберг во Европа. Во библиотеката се наоѓаат и дела на Хомер, Платон, Шекспир, Микеланџело, Бетовен, Исак Њутн.
„Дури и по 100 години, библиотеката се уште е најдобро украсената зграда во САД. Тим од над 50 уметници, сликари, скулптори, декоративни уметници и занаетџии биле најмени да ја украсат“, вели Форд Питрос-главен архитект на Конгресната библиотека.
Најстарата зграда изградена во 1897-та е наречена Томас Џеферсон по поранешниот американски претседател, кој ја дал својата приватна колекција од 6487 книги на библиотеката. Големиот хол на библиотеката е украсен со мозаик од 12-те хороскопски знаци и статуи на светски познати писатели и мислители. Статуата на Минерва, римската божица заштитник на цивилизацијата и универзалното знаење го краси вториот кат од библиотеката. На вториот кат се наоѓа и специјална галерија од која може да се набљудува главната читална.
„Библиотеката била прва зграда со елетрично осветлување во Вашингтон. Со 2400 осветлени прозорци мора да биде импресивна слика во ноќта, како светилник покрај море“, додава Питрос.
Постојана изложба во Конгресната библиотека е посветена на откривањето на Америка. Во моментов во библиотеката е изложена Магна Карта, првиот пишан устав во светот, стар речиси 800 години. Документот кој ги опишува правата на обичните граѓани во времето на англискиот крал Џон, е основа на многу современи устави и правни системи во светот, па и на американскиот правен систем. Никој не е над законот, е правило што важи и во денешно време.
Најголемиот фонд на книги и на колекции постои токму овде во Конгресната библиотека во Вашингтон.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
