Се санира енергетска мрежа, најголем проблем неисчистените патишта

02.01.2015 13:04

Ситуацијата е најтешка во Реканскиот крај. Најголем проблем и натаму претставуваат неисчистените патишта, за тоа надлежните и шефот на кризниот штаб, вината ја лоцираат во „Македонија Пат“ и директорот Кадриу...

Последиците од временските услови се санираат. ЕВН со 200 монтери работи интензивно на  терен, помош во опрема имаат и од МВР. Според Гиновски, во охридско и струшко остојбата  се нормализира. Отстранети се проблемите и на потегот Луково Поле - Глобочица, најтешка е  ситуација во Реканскиот регион.

 „Вчера две специјални инженерски екипи на ЕВН Македонија беа на терен за на лице место да предвидат ново решение, да се направи премин преку езерото, да се види со каков тип на столбови треба да се оди, бидејќи таму комплетно мрежата е уништена, а на одредени места столбовите се во целост откорнати. Ноќеска е направено тоа решение, денеска веќе екипите работат на терен“, изјави Игор Гиевски.

Од дванаесет часот тешките моторни возила можат да се движат на патниот правец  Битола- Охрид. Во функција автобускиот сообраќај од Кичево до Охрид, но за тешките моторни возила и натаму останува затворен. Магистралните и регионалните патишта се расчистени се намалува и бројот на непреодните локални патишта. 

Според првиот човек на „Македонија пат“ тие направиле се што е во нивните  можности.

„Правиме напори со нашата механизација која е застарена, но е во функција. Ние кај што можеме, помагаме“, изјави Гајур Кадриу, директор на „Македонија пат“.

Министерот за транспорт и врски не се согласува. Од сите информации со кои располагам, сите институции со исклучок на „Македонија пат“, изјави Јанакиевски, си  ја извршиле обврската.

„Не сум задоволен од работата на Македонија пат. Имам ветување од директорот дека се прават анализите, јас очекувам набрзо дека ќе излезе со инфорамција, кои се оние лица кои не ја завршиле до крај работата. На крајот после тој извештај ќе ја разгледаме и неговата одговорност“, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Координативното тело паралелно со анализите од последиците од снежното невреме  ги прави и подготовките за новиот снежен бран кој се очекува да ја зафати Македонија.

 

Виолета Димовска