Нова патека и осветлување во скопското село Батинци во должина од 1.500 метри
Се протега од крстосницата со патот за Драчево во правец на Марков манастир и чини 11 милиони денари, средства обезбедени од заемот од Светска банка...

Јавното претпријатие за државни патишта денеска ја пушти во употреба втората фаза од пешачката патека во село Батинци во должина од 1.500 и широчина од 1,5 метри на која се поставени 54 канделабри со височина од осум метри и светилки со јачина од 150 вати. Се протега од крстосницата со патот за Драчево во правец на Марков манастир и чини 11 милиони денари, средства обезбедени од заемот од Светска банка.
На вкупно 3,8 километра во овој дел од градот е изградена пешачка патека од бехатон плочки и е поставено ново осветлување. Со тоа ќе се подобри движењето на граѓаните кое досега беше доста небезбедно, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски по пуштањето во употреба на патеката заедно со градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.
Тој посочи дека пред пет месеци во употреба беа пуштени основните 2,3 километра од пешачката патека на овој патен правец на потегот од бензинската пумпа во Батинци во правец кон Марков манастир каде беа поставени 79 канделабри.
