Клупската легенда на Ливерпул стави крај на шпекулациите

Џерард ќе се збогува од „Енфлилд“

02.01.2015 13:33

Целата професионална кариера тој ја мина во црвениот дрес. На 695 натпревари досега постигна 180 гола, последните вчера против Лестер. Беше европски првак, освојувач на трофејот во УЕФА Купот и на европскиот Супер Куп...

Стивен Џерард ги отстрани нејаснотиите околу неговата натамошна иднина. Великанот на Ливерпул објави дека на крајот на сезонава ќе се збогува од „Енфилд“. Тоа ќе биде набрзо по неговиот 35.роденден.

„Ова ми беше најтешката одлука во животот, којашто ме држеше во агонија веќе подолго време. До последниот меч во сезоната ќе му бидам целосно посветен на тимот како и секогаш досега“, вели Џерард во соопштението, појаснувајќи дека веста ја објавува сега за клубот и менаџерот да бидат спокојни во врска со шпекулациите за неговата иднина.

„Ќе продолжам да играм фудбал и иако не можам да потврдам каде, тоа сигурно ќе биде некаде каде што нема да играм против Ливерпул. За мене тоа би било незамисливо. Искрено се надевам дека еден ден ќе се вратам повторно да работам во Ливерпул“, вели Џерард.

Целата професионална кариера тој ја мина во црвениот дрес. На 695 натпревари досега постигна 180 гола, последните вчера против Лестер. Беше европски првак, освојувач на трофејот во УЕФА Купот и на европскиот Супер Куп. На домашен терен двапати го крена ФА, а трипати Лига Купот. Му остана неостварен сон титула во Премиер Лигата.

Менаџерот Брендан Роџерс му оддаде огромна почит на капитенот.

„Нема зборови коишто можат да ја опишат важноста на Џерард за Ливерпул. Ова е ера во којашто зборот „легенда“ претерано се употребува и затоа е неправеден за него. Тој понекогаш го носеше целиот клуб на свој грб. Откако сум овде, секогаш покажува квалитет со којшто го сметам за еден од најдобрите на светот во последната деценија и повеќе“, рече Роџерс.  

Првичните шпекулации се дека налето би можел да се пресели во американската МЛС  лига, во Лос Анџелес Галакси, во Њујорк Сити или во Њујорк Ред Бул. Сепак, слични шпекулации за преселба преку Атлантикот имаше и за уште две големи имиња на англискиот фудбал Френк Лампард и Ешли Кол, но тие на крајот завршија во Манчестер Сити и во Рома. Затоа, без оглед на возраста, во моментов не може да се исклучи трансфер на Џерард и во некој од големите клубови низ континентот.