Зоните ќе отворат најмалку 12.500 нови работни места
Од голема важност е што странските компании вложуваат надвор од главниот град вели Мизо. Ова, според него, придонесува да се реализира целта на Владата за рамномерен економски развој во целата земја...

13 странски компании лани донеле одлука за вложување во слободните економски зони во земјава. Треба да отворат 12.500 нови работни места. Во зоните се работи турбо. 2014-та ја завршиле со извоз зголемен за 54% во однос на претходната година.
„Оваа бројка уште повеќе ќе се зголеми идната година, само врз основа на најавите на постоечките компании кои се веќе инвеститори. Нивните бројки кажуваат дека ќе има зголемување од 10 до 15 проценти идната година“, изјави директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.
Од голема важност е што странските компании вложуваат надвор од главниот град вели Мизо. Ова, според него, придонесува да се реализира целта на Владата за рамномерен економски развој во целата земја.
„Најголем број од овие новоотворени работни места ќе се реализираат надвор од главниот град. Креирањето на 1.000 работни места во помал град е многу повлијателно, отколку тие работни места да бидат отворени во Скопје“, додава Мизо.
Компаниите во слободните економски зони низ земјава во моментов вработуваат околу 3.500 луѓе. Се очекува и повеќе компании да донесат одлуки за нови инвестиции. Имињата ќе бидат познати за еден месец – открива Мизо. Во првиот квартал од годинава треба да почне и изградбата на слободната зона во Делчево, вкупно 14-та по ред.
Сунчица Николоска
