Голем дел од струшките села сеуште се без електрична енергија
Електричната енергија се уште не стигнала до голем број струшки села. Од ЕВН уверуваат дека наскоро ќе бидат отстранети сите дефекти. Во Вевчани напојувањето е речиси нормализирано, а жителите се подготвуваат за Василичарскиот карневал...

Се уште нема електрична енергија во струшките села Калишта, Радожда, Мали Влај, Ќафасан, Вишни, Горна Белица, Јабланица, Безево, Нерези, Прискупштина, Луково, Модрич, Дренок како и во областа Малесија каде што без напојување се уште и селата Буринец, Селцин, Ржаново, Збажди, Присовјани, Курошишта, Делогожда и Џепин.
Во Велешта, Лабуништа, Подгорци и во Октиси се работи денеска и за таму веќе е потврдено дека ќе имаат струја.
Во Вевчани ситуацијата полека се стабилизира.
„Од 1-ви јануари од 19 часот, 80 проценти од Вевчани е осветлено, останаа уште 20 проценти . Денеска, петок, 2-ри јануари , екипи од ЕВН се на терен и ќе ги оспособат и тие 20 проценти. Работи екипа и на Телеком, како и кабелската мрежа. Комуналното редовно работи по улиците, главните улици се проодни уште од првиот ден и сега се подготвуваме за карневалот“, вели првиот човек на општина Вевчани, Цветомир Угриновски.
Во меѓувреме, Центарот за управување со кризи е во вонредна состојба и се прават напори за целосно нормализирање на состојбата во струшкиот регион.
Како што дознаваме, денеска ќе започне и акција на чистење и пробивање на патот кон Луково како и патниот правец кон селото Вишни кој води до Горна Белица.
Таму има неколку викендаши кои останаа поради лошото снежно невреме што го зафати овој крај. За среќа овие жители се уште имаат греење и доволно храна што ја понеле при тргнувањето.
Јованчо Наумоски
