Кризниот штаб се мобилизира пред новите снежни врнежи
30 села се уште отсечени поради временските непогоди. Состобата со снабдувањето со струја се нормализира. Кризниот штаб се мобилизира за нардените денови по најавата на УХМР дека од недела повторно ќе има снег, а температурите ќе одат длабоко под нулата...

Сообраќајот на патиштата нормализиран. Од денес тешките моторни возила ќе можат да се движат од Битола до Охрид. Во функција е и автобускиот превоз од Кичево до Охрид, но, забраната за тешките моторни возила на овој правец се уште останува. Се намалува и бројката на селата блокирани од снегот.
„Има околу 30-ина локални патишта, пред се се работи за населени места кои воопшто немаат жители, или пак имаат многу мал број жители. Тие не се проодни“, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Енергетскиот систем во охридско и струшко речиси нормализиран. Вевчани од вчера има струја. Санирана состојбата и на потегот Луково поле- Глобочица. Преспа и особено реканската област- клучен предизвик за ЕВН.
„Вчера две специјални инженерски екипи на ЕВН Македонија беа на терен за на лице место да предвидат ново решение, да се направи премин преку езерото, да се види со каков тип на столбови треба да се оди, бидејќи таму комплетно мрежата е уништена, а на одредени места столбовите се во целост откорнати“, изјави Игор Гиевски.
За реакциите на граѓаните и најавените тужби Гиевски, вели, имаме разбирање, но ние правиме се што е во наша моќ, монтерите работат на отсранувањето на дефектите - ги молибизиравме сите фирми со кои соработуваме, од денес логистика и од МВР со неопходната опрема.
Координативното тело континуирано ги прави анализите за последиците од невремето, но, се подготвува и за новиот снежен бран.
„Во текот на утрешниот ден ќе имаме мало затоплување, што од своја страна ќе донесе во недела да имаме врнежи од снег, но со помал интензитет. До среда ќе се задржи студено време, со максимална температура до -13“, изјави Оливер Ромевски, директор на УХМР.
Со каква временска состојба ќе се соочиме по среда, Ромевски вели, тоа ќе го знаеме за ден- два.
Виолета Димовска
