Јанакиески незадоволен од работата на првиот човек на „Македонија пат“- бара одговорност!

02.01.2015 16:47

Втор пат за една седмица, министерот Јанакиески го вперува прстот кон директорот на „Македонија пат“, Гајур Кадриу. Незадоволен е од неговата работа. Побарал отчет за акциите што ги презел. Кадриу вели – не разбирам што мисли министерот кога ме обвинува. Се брани со старата механизација...

Неисчистените патишта го предизвикаа Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески уште еднаш јавно да го впери прстот во директорот на Македонија Пат, Гајур Кадриу. „Не сум задоволен од неговата работа“, изјави Јанакиески по денешната средба на Кризниот штаб. Последната информација е дека поради непроодните патишта отсечени се повеќе од 30 села.

„Не сум задоволен од работата на Македонија пат. Имам ветување од директорот дека се прават анализите, јас очекувам набрзо дека ќе излезе со инфорамција, кои се оние лица кои не ја завршиле до крај работата. На крајот после тој извештај ќе ја разгледаме и неговата одговорност“, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Директорот Кадриу не разбира на што мисли министерот за транспорт Јанакиески кога го обвинува. Се брани со старата механизација.

„Министерот на што мислел не можам да коментирам, но едно е реално, Макеоднија пат со механизација која е дотраена и застарена е на терен, и без разлика на тоа работи“, изјави директорот на Македонија пат, Гајур Кадриу.

Втор пат за една седмица, министерот Јанакиески со став дека директорот Кадриу не си ја врши работата иако тој на првиот состанок тврдел дека состојбата ќе се среди. Кризниот штаб беше свикан по барање на премиерот Груевски, по што почнувајќи од министерот Јанакиески, градоначалници, меѓу кои Трајановски и Бакрачевски, активно се вклучија во чистењето на улиците.

 

Дијана Ценевска