ЕВН Македонија превзема дел од одговорноста
ЕВН Македонија чувствува одговорност за долготрајниот прекин на струја. Од компанијата велат дека, пред да падне снегот, ги направиле сите неопходни подготовки. Но, дали тоа било доволно? Дилемите за инвестирањето во електродистрибутивната мрежеа траат уште пред во компанијата да влезе австрискиот капитал...

Голем број семејства од делови од земјава новата година ја дочекаа на свеќи. Потрфли електро-дистрибутивната мрежа на ЕВН Македонија. Компанијата чувствува одговорност за долготрајниот прекин на струја. Велат дека пред да падне снегот ги направиле потребните подготовки за снабдувањето со електрична енергија, но, природата им ги отежнала работите.
„Сите што се справуваме со оваа криза чувствуваме одговорност, и нормално е затоа постојано сме на терен и работиме, за и единствениот корисник во некое населено место кој нема електрична енергија- да ја добие. Но, она што природата може да го направи, тука против природата не можеме“, изјави портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски.
Во ЕСМ во 2006-та година влезе австриски капитал. Мислењата за продажбата беа поделени. Тогашната власт на СДСМ го нарече „Бонбона бизнис“ со тврдење дека струја ќе има и во најодалечените села. Познавачите на енергетскиот сектор, пак, кои денеска се дел од опозициската партија, тогаш критикуваа.
„ЕСМ диструбуција ако биде продадена на еден приватник, било кој, тој нема да биде мотивиран да ги снабдува и најодалечените села за електрична енергија, оти ќе му биде скапо. Тој ќе се мотивира од својот профит“, изјави тогаш Атанско Туневски.
„Ова ќе биде бомбона бизнис“, дополни тогаш Радмила Шеќеринска.
Од ЕВН Македонија информираат дека во мрежата инвестираат 20 милиони евра годишно. Останува отворено прашањето - дали е доволно?
Наташа Гркова- Петрушевска
