Расте поддршката за државниот испит
Академик Живко Поповски и професор Горазд Росоклија застанаа зад планираната реформа во високото образование. Со концепт за подобро образование излезе и Штуловиот универзитет- македонските универзитети да работат по најдобрите програми од САД и Европа...

Професорите Горазд Росоклија и Живко Попов се приклучија на иницијативата за реформи во високото образование, на која досега се потпишаа 200 професори од универзитетите низ земјава.
Поддршка стигна и од нивните колеги Аспазија Софијанова, Елизабета Обоцки, Симонида Црвенкова, Мери Пешевска, Тодор Делипетров, Весна Коруноска, Лидија Поповска.
Името на Јордан Плевнеш досега многупати се појавува во светските списанија. Им порачува на колегите да објавуваат научни истражувања и да ја афирмираат Македонија во светот.
„Реформи што треба да се случат во македонското високо образование се болни реформи, но тие ќе бидат една голема еманципација на македонскиот национален, духовен и научен хоризонт“, смета Јордан Плевнеш.
Дел од медиумите објавуваат нови имиња на професори кои не објавиле трудови со импакт фактор, а протестираат против државниот испит, меѓу кои - Здравко Савевски, Тодор Ношпал, Горан Зенделовски и Сергеј Цветковски, стои во медиумите.
За да подобри квалитетот на образованието, Универзитетот на Југоисточна европа предлага да се работи според најдобрите студиски програми од САД и Европа.
„Оваа определба е многу важна за високото образование во Република Макеоднија и за пазарот на труд да биде спореден со овие меѓународни практики. Тоа впрочем е определба на Болоњската декларација дека една од суштинските промени е мобилноста на знаењето, вештините и компетенциите“, изјави Замир Дика, ректор на Универзитетот ЈИЕ.
Овој предлог е испратен до Министерството за образвание. Министерот Адеми го разгледал.
„На универзитетите и на студентите ќе им овозможи да се зголеми мобилноста и ќе им овозможи полесно да стигнат до потпишување на меѓународни договори со најдобрите универзитети во светот“, изјави министерот Адеми.
На иницијативата за реформи во високото образование доега се потпишале 219 професори.
Викторија Тодоровска
