Заврши драмата со 450-те мигранти кои пловеа на брод без капетан и без екипаж

02.01.2015 17:32

Бродот кој пловел од Турција кон Италија, под знаме на Сиера Леоне, наводно имал дефект на моторот и кормилото. Бродот со автопилот сепак пловел без контрола, носен од морската струја...

Заврши кошмарот на отворено море за 450-те  мигранти, повеќето Сиријци, слепи патници од трговскиот брод „Езаден“. Капетанот и екипажот го напуштиле бродот пред да влезе во италијанските води. Спасувачките екипи на крајбрежните служби ја презедоа контролата и го насочуваат бродот кон пристаништето Кротоне. Поради лошите временски услови во акцијата се вклучени и хеликоптери.

„По неколкучасовна битка со разбрануваното море успеавме да ги спасиме патниците, од кои повеќето беа бремени жени и деца. Луѓето се во добра здравствена состојба, а добија и храна и вода“, вели Филипо Марини, потпарол на крајбрежната стража.

Бродот кој пловел од Турција кон Италија, под знаме на Сиера Леоне, наводно имал дефект на моторот и кормилото. Бродот со автопилот сепак пловел без контрола, носен од морската струја. Еден од патниците испратил порака „Немаме екипаж, се движиме кон брегот, никој не  управува со бродот“, по што следуваше опсежната акција на италијанскта морнарица. Инцидентот следува само два дена откако беа спасени околу 700 мигранти од бродот „Блу скај“. Начинот за криумчарење на бегалците се совпаѓа со „Езаден“

„Можете да видите каква е состојбата. Седум дена 700 луѓе седевме како во конзерва“.

„Последните три дена беа навистина лоши. Премрзнавме“, велат спасените мигранти.

Од  Божиќните празници досега италијанските власти спасија повеќе од две илјади и триста бегалци кои преку Медитеранот и Италија се обидуваат да се префрлат во земјите на Европската Унија.

 

Марија Петковска