Кичево затрупано со снег!
Ситуацијата со снегот во Кичево е навистина драматична, поголемиот дел од градските улици воопшто не се исчистени, а во централното градско подрачје, има коловози каде единствено може да се движите со теренско возило...

Кичево е затрупано со снег. Градот е буквално блокиран од сите страни. Во сообраќајот владее вистински хаос, улиците се многу малку или пак воопшто дел и не се исчистени. Затрупани возила, граѓани кои едвај се движат и со зимска опрема, ова е сликата во центарот на Кичево.
Ситуацијата со снегот во Кичево е навистина драматична, поголемиот дел од градските улици воопшто не се исчистени, а во централното градско подрачје, има коловози каде единствено може да се движите со теренско возило.
Граѓаните се крајно револтирани на општината, за која велат дека воопшто не го чистела снегот.
„Катастрофа е, воопшто не е проодно, ова е жива брука, градоначалникот треба да се праша зошто е ситуацијата ваква во градот, воопшто не може да се движиме“, велат граѓаните.
Голем дел и од селата се непристапни за возила. Жителите празниците ги поминуваат отсечени од светот.
„Катастрофа е, патиштата во селата не се исчистени, бевме во тотален хаос, а немавме и 3 дена леб“, велат дел од жителите на селата.
Градоначалникот Фармир Дехари не сакаше да даде изјава за МРТ околу овие обвинувања, за тоа го испрати секретарот на општината, кој се правдаше дека поради зголемиот сообраќај во градот не се успеало да се исчистат улиците.
„Дополнителен проблем ни претставуваше тоа што голем број возила носеа роба во градот, тие беа заглавени, потоа тука во овој перид има дојдено голем број на странци, сообраќајот е зголеме, и затоа тоа сето придонесе да ние неможеме да интервенираме преку денот“, вели Рамиз Реџепи, секретар на општина Кичево.
Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека тие помагале колку што можеле, но сепак општината била таа која требало да го исчисти поголемиот дел на патиштата.
„Прво треба општината максималмно да ги искористи своите ресурси, и потоа ако има потреба уште еднаш Дирекцијата ќе се мобилизира“, истакна Драгољуб Попоски, Дирекција за заштита и спасување во Кичево.
Се уште е неизвесно кога ќе се нормализира ситуацијата во Кичево, и кога отсечените села ќе добијат врска со светот.
Дарко Штаргоски
