Поголем дел од селата во Струшко, Охридско и Ресенско добија струја
03.01.2015 11:42
Како што соопшти ЕВН Македонија, синоќа поголем дел од отсечените села во струшкиот, охридскиот и ресенскиот регион добија електрична енергија...

ЕВН Македонија ја санира дистрибутивната мрежа оштетена од снежните наноси и силниот ветер. Во лоши услови екипите на ЕВН Македонија работат на санирање на поголем број дефекти настанати од интензивните снежни врнежи и силниот ветер, по што состојбата со електро снабдувањето во кризните региони полека се нормализира.
Како што соопшти ЕВН Македонија, синоќа поголем дел од отсечените села во струшкиот, охридскиот и ресенскиот регион добија електрична енергија.
Нормализирано е снабдувањето во преспанските населени места Козјак, Горна и Долна Бела Црква, Езерани и колекторот во Езерани, Љубојно, Долно Дупени, Лева Река, Крушје.
Во охридскиот регион електрична енергија добија Долно и Горно Лакочереј, Климештани, дел од Мешеишта и Требеништа, а сите дефекти на 10 кВ далекувод кај Велестово и Крушје се отстранети и се очекува утринава да биде нормализирано снабдувањето.
Во струшкиот регион нормализирано е снабдувањето во Горно и Долно Татеши, Лабуништа, Октиси и Боровец. Во Делогожда и Радожда екипите на ЕВН и жителите на овие села заеднички се пробиваат до завеаните столбови и се работи до доцните ноќни часови.
Во струшкиот регион од синоќа под напон се Калишта, Франгово, Радолишта, Феришта, Дреслаица, Мороишта, Ложани, Ливади, Биџево, Вевчани и Велешта.
Од ЕВН Македонија соопштија дека од синоќа и Трафостаницата Центар Жупа е под напон. Пуштени се 10 Кв изводи кон трафостаниците во селата во Центар Жупа. Над 95 проценти од населените места во овој крај добија електрична енергија.
Благодарение на екипата со моторизирани санки на МВР, се посочува, времето на стигнување на електромонтерите до местото на дефектите значително се намали.
