Изедначени дуели, нема фаворити
Металац ќе ја пречека Крка на македонскиот селектор Александар Џикиќ. Двата тима досега се радуваа на шест од 15 средби...

Додека сме во исчекување на првиот настап на кошаркарите на МЗТ Скопје во 2015-та, 16-тото коло од Јадранската лига денеска содржи два натпревара. Во нив актери се екипи коишто се обидуваат да го достигнат вистинскиот ритам и со тоа да фатат приклучок кон горниот дел од табелата.
Металац ќе ја пречека Крка на македонскиот селектор Александар Џикиќ. Двата тима досега се радуваа на шест од 15 средби, а на првата меѓусебна во Ново Место словенечкиот состав славеше убедливо со 30 коша разлика.
Во Лакташи, Игокеа ќе му биде домаќин на Солнок со желба да се реваншира за болниот пораз на првиот меч, кога со тројката на Давид Војвода од половина терен триумф забележа унгарскиот претставник. Во денешната пресметка Солнок ќе влезе со подобар биланс сезонава, има шест победи, една повеќе од Игокеа, но доколку ја задржи предноста на својот паркет, босанската екипа ќе се изедначи со остварувањето на денешниот ривал.
Другите соочувања од 16-тото коло се утре, а два од нив ќе одат во живо на Собранискиот сервис на МРТ. Од 17 часот Партизан – Цедевита, од 21 МЗТ Скопје Аеродром – Будуќност.
