Живот во планина: Семејството Крањц се враќа на традицијата
Храброста да го напуштат големиот град и да дојдат да се населат далеку од цивилизација во скутот на Кожуф барајќи ја хармонијата со природата, им е остварување на сонот...

Потребни ли се фаќачи за сон за да се оствари во јавето? На младото семејство Крањц тие им се само декор во приказната која ја живеат, зошто храброста да го напуштат големиот град и да дојдат да се населат далеку од цивилизација во скутот на Кожуф барајќи ја хармонијата со природата, им е остварување на сонот.
„Во градот тоа се случува, срцето работи многу побрзо, и таа динамика не ни одговараше на нашиот животен стил. Моја дефиниција за среќа е да создадеме родов имот, кој ќе продолжат да го гледаат нашите деца“, вели Јосип Крањц.
Во суштина идилична атмосфера. Враќање кон корените, кон органското производство и деконтаминација од урбаноста, стресот и потрошувачката треска. Чекајќи ја втората принова, Радмила вели дека човек знае да се навикне на сѐ.
„Сѐ тоа е илузија. Како ќе се навикнеш така е. Човек знае да се навикне на многу, но знае да се навикне и на малку“, нагласува Радмила Крањц.
Домашно подготвено козјо сирење, домашно подготвени креми, сапуни, мармелади и други артикли. Семејството Крањц вложува во чувањето на традицијата. Во новата 2015-та година сакаат да обезбедат само механизација за да ги посеат плодните ниви со органски житарици.
Природната новогодишна елка е знак дека не раскрстиле со трендовите, само научиле да не бидат нивни робови.
Катерина Давчева
