Се нормализира снабдувањето со електрична енергија

03.01.2015 16:36

Продолжува расчистувањето на локалните патишта. Според проценките на министерот за транспорт и врски, денеска снежните блокади до непроодните села ќе бидат пробиени...

Покрај селата во охридскиот и струшкиот регион, со оспособување на далеководите и трафостаниците, и Центар Жупа доби струја. Екипите на ЕВН остануваат на терен. Прогнозите се дека до крајот на денот ќе завршат со санирањето на дефектите на електричната мрежа и во реканскиот дел.

„Ќе направиме сѐ комплетно да биде завршен далеководот, и полека, извод по извод во доцните вечерни часови, да пуштиме електрична енергија према селата. Доколку тоа не успееме да го направиме денес, сигурен сум дека во текот на утрешниот ден комплетно ќе биде завршено и конечно оваа најкритична точка ќе биде анулирана“, изјави Игор Гиевски, директор на ЕВН.

Продолжува расчистувањето на локалните патишта. Според проценките на министерот за транспорт и врски, денеска снежните блокади до непроодните села ќе бидат пробиени.

„Се слушнав со повеќе градоначалници и ДЗС ќе вложи максимални напори денес сите села бидат пробиени и да имаат нормална комуникација. Сите села во Македонија денес треба да бидат проодни“, изјави Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

Директорот на Македонија пат, Гајур Кадриу кој беше посочен дека потфрли со работата и натаму се брани со застарената механизација. За да ги реши проблемите ангажирал и приватна фирма.

„Македонија пат кога би имала поддршка да набави нови возила, кои сме ги барале перманентно три години, со анализа една, нас не би ни требале третите лица“, вели Гајур Кадриу, директор на Македонија пат.

Од УХМР за утре најавуваат нов снег, но, со помал интензитет од претходниот. Ноќните температури ќе се движат до -15 степен, а дневните ќе бидат околу нулата.

„До вторник не очекува снежно време, но не онакво какво што имавме во изминатите делови“, изјави Оливер Ромевски, директор на УХМР.

Кризниот штаб ќе се справува со последиците. Министерот Јанакиески утре ќе направи увид како се мобилизирани во Македонија пат за да не се повторат грешките.

Сунчица Николовска