Седумгодишно девојче преживеа авионска несреќа во Кентаки
Дезориентирано, дошло до првата куќа за да побара помош. Вратата ја отворил 71-годишниот Лари Вилкинс, кој не можел да си поверува на очите – пред него стоело босоного девојче, крваво од повредите...

Среќа во несреќа и една неверојатна приказна... седумгодишно девојче преживеа пад на мал авион во којшто загина целото нејзино семејство. Дезориентирано, дошло до првата куќа за да побара помош. Вратата ја отворил 71-годишниот Лари Вилкинс, кој не можел да си поверува на очите – пред него стоело босоного девојче, крваво од повредите. Збунето раскажало дека мајка и и татко и загинале, а авионот бил превртен наопаку. Најбрзо што можел му ги исчистил раните и повикал помош.
„Не видов кога паднал авионот. Било во близина, на три блока од овде. Сигурно тргнала во погрешна насока, но никој не ни знаеше да ја побара. Пилотот се јавил за помош, но никој не знаеше дека авионот паднал додека таа не дојде овде и повикавме полиција“, изјави Лари Вилкинс, жител на Кентаки.
„Самото се извлекло од кршот, ја поминало шумата и ја пријавило несреќата“, раскажуваат полицајците од Кентаки, ни самите не можејќи да поверуваат во чудото, но и трагедијата на девојчето коешто го изгуби целото семејство.
„Се изненадија кога им кажав дека кај мене е 7-годишно девојче што вели дека преживеало авионска несреќа“, додава Вилкинс.
Полицијата не го соопштува името на малата хероина. За сега се знае дека во несреќата загинале 49-годишниот Марти Гуцлер, неговата 45-годишна сопруга Кимберли Гуцлер, 9-годишната ќерка Пајпер и 14-годишната братучетка Сиера Валдер. Летале од Флорида за Илиноис кога забележале проблем со моторот и набрзо се урнале во пошумена област близу до Падјука во Кентаки. Девојчето е префрлено во болница со полесни повреди.
Ивана Салтировска
