Владата ги кани професорите на дебата за измените на Законот за високо образование
Министерот за образование, Абдулаќим Адеми испратил покана до претседателот на Интеруниверзитетската конференција, Велимир Стојковски...
Владата ги кани професорите в понеделник на дебата за измените на Законот за високо образование. Министерот за образование, Абдулаќим Адеми испратил покана до претседателот на Интеруниверзитетската конференција, Велимир Стојковски во која вели:
„Водејќи се од принципите на транспарентност и отвореност, како дел од дебатата за реформите кои се спроведуваат во високото образование во Република Македонија и кои во својата суштина го имаат обезбедувањето на повисок степен на знаења и вештини за студентите, дополнителен квалитет на работата на наставниот кадар и на образовниот процес, односно генерално подобрување на квалитетот на високото образование, Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука доставија покана до членовите на Интеруниверзитетската конференција за организирање на средба за размена на мислења и аргументи за квалитетно образложување на реформите и дебата за нив. Со цел обезбедување на застапеност на поголем број на мислења, цениме дека е од интерес за процесот, во рамките на делегацијата на Интеруниверзитетската конференција која ќе присуствува на средбата, покрај нејзините членови да биде овозможено и присуство по петмина професори кои со своите изнесени ставови во јавноста изразија забелешка и несогласување со реформите и по петмина професори кои дадоа поддршка на реформите во високото образование кои ги иницираше Владата во актуелниот период. Професорите ќе ги определи самата Интеруниверзитетска конференција“ се вели во поканата.
Планирано е средбата со владините претставници да се одржи во понеделник во хотелот Александар Палас со почеток во 13:30 часот.
