Победа за прва новогодишна честитка
Фактот што ривалот има само три порази досега и се наоѓа на втората позиција на табелата зад неприкосновената Црвена Звезда, посочува дека во Скопје денеска доаѓа една од најсилните екипи во АБА друштвото...

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ќе го пречекаат Будуќност во 16-тото коло од Јадранската лига (пренос МРТ Собраниски, 21 часот).
Фактот што ривалот има само три порази досега и се наоѓа на втората позиција на табелата зад неприкосновената Црвена Звезда, посочува дека во Скопје денеска доаѓа една од најсилните екипи во АБА друштвото. Оваа констатација се надополнува со податокот дека црногорскиот тим загуби од Цедевита и од Звезда, а како единствен кикс може да се смета поразот на паркетот на Металац пред две кола. Можеби токму тој натпревар покажува дека составот од „Морача“ не е без слабости. Ако се знае дека МЗТ Скопје триуфираше на две од последните пет пресметки во АБА друштвото, може да се заклучи дека формата полека се стабилизира. Од друга страна, пак, противникот загуби два од претходните четири меча, што може да биде оптимистички тон пред соочувањето во арената „Јане Сандански“. Во него Будуќност ќе влезе со подобар биланс, четири победи на пет натпревари досега и со убелвив резултат од првата сезонска пресметка. Во Подгорица, на 12-ти октомври, беше 96-69 за домаќинот.
Како ќе биде денеска, можете да видите во преносот на Собранискиот сервис на МРТ од 21 часот, а од 17 ќе го пренесуваме и мечот меѓу Партизан и Цедевита. Во 16-тото коло во Јадранската лига, Црвена Звезда денеска ќе и гостува на Олимпија, а вчера Солнок славеше кај Игокеа со 71-66, како и Металац дома против Крка со 69-67. Левски и Задар ќе играат во некој друг термин поради проблеми со салата „Универзијада“ во Софија.
