Големи пожари го пустошат југот на Австралија

04.01.2015 17:39

Многу луѓе морале да ги напуштат своите домови, и не се сигурни што ќе најдат кога ќе се вратат назад. Голем дел од патиштата се затворени, а пожарникарите физички се обидуваат да ги спречат луѓето да влезат во своите домови...

Најмалку 22 лица од кои најмногу пожарникари се повредени, а десетици домови се уништени во пожарот што зафати делови од државите Јужна Австралија и Викторија во јужните делови на Австралија. Стотици пожарникари се ангажирани во борбата со огнената стихија којашто веќе три дена беснее, а медиумите пишуваат дека е можно да потрае и во наредните денови. Многу луѓе морале да ги напуштат своите домови, и не се сигурни што ќе најдат кога ќе се вратат назад. Голем дел од патиштата се затворени, а пожарникарите физички се обидуваат да ги спречат луѓето да влезат во своите домови.

„Сакам само да си одам дома за да можам да си го бранам домот“.

„Ова е како некој кошмар“, велат локалните жители.

Премиерот на Јужна Австралија Џеј Вотерхил изјави дека областите ќе бидат отворени кога ќе се создадат услови за тоа, но дека се уште постои опасност од опожарените стебла и бандери кои можат да паднат врз куќите.

„Во никој случај оваа ситуација не е завршена. Се уште треба да минат неколку важни фази. Голем број домови се се уште во опасност, и има луѓе коишто стојат на патот на огнот. Тоа е мошне сериозна ситуација“, изјави Џеј Вотерхил, премиер на Јужна Австралија.

Властите велат дека се работи за еден од најопасните пожари во Австралија откако во 1983 во Јужна Австралија животот го загубиле 28 луѓе. Пламените јазици целосно изгореле 11 000 хектари шума. Во борбата со огнот се вклучени повеќе од 2 000 пожарникари, авиони и хеликоптери, но состојбата ја комплицира ветерот од променлив правец, како и високата температура.  

Марина Автовска