Во Прилеп возобновена коледарската традиција во исчекување на Христовото раѓање
Возобновена коледарска традиција во исчекување на Христовото раѓање- прилепските деца со макета на Витлеемската пештера и пригодни песни го обиколија градот и го најавија нарадосниот настан на христијанството...

После векови за прв пат во Прилеп денеска се возбнови коледарска традиција, која што потекнува од времето на Византија, а со текот на годините кај нас се изгубила. Децата од училиштата кои посетуваат Етика на религиите, од црквата Свети Кирил и Методиј тргнаа со коледарска литија, носејќи ја макетата на малата пештера каде се родил Исус Христос, навестувајќи го неговото рождество.
„Кога ангелите им соопштиле на овчарчињата дека Христос се роди, а пак овчарчињата разгласиле насекаде дека Христос е роден, народот започнал да прави обичаи со кои го разгласувал Христовото рождество“, вели отец Веле Спиркоски.
„Ние се подготвувавме еден месец, ја научивме песната „Вечниот Бог“ ја пееме и шетаме низ чаршијата“, кажаа децата.
Дечињата прошетаа низ прилепските улици и чаршијата каде беа дарувани со коледарски дарови од страна на институциите, фирмите и граѓаните. Коледарски пакетчиња добија и од Општината.
„Ја научивме песната, децата кои знаат да свират на некој инструмент исто така научија и да ја отсвират, вежбавме еден месец“, рече Моника Дервеноска, наставник по етика на религии.
„Денеска се чусвтвувам прекрасно бидејќи се враќам со спомените во едно постаро време кога бевме млади и кога овие традиции многу се негуваа во градот“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Собраните дарови како и паричните средства ќе бидат потоа донирани на сиромашните семејства за Божик.
Дарко Штаргоски
