БиХ: Свлечиште однесе еден живот, три деца се повредени
Жителите на населбата Бара во босанскиот град Какањ сеуште се во шок по вчерашната несреќа во која при лизгање на земјиште загина триесетиосумгодишна жена, а три девојчиња се повредени...

Трагедија во Босна. Жителите на населбата Бара во босанскиот град Какањ сеуште се во шок по вчерашната несреќа во која при лизгање на земјиште загина триесетиосумгодишна жена, а три девојчиња се повредени. Во опасност биле 23-ца, но деветнаесетмина успеале навреме да избегаат од домовите.
Спасувачките екипи веднаш интервенирале и ги извлекле децата од под урнатините. Хоспитализираните пациенти се во стабилна состојба, но ќе останат на лекување неколку дена.
„За жал едно лице загина, но усеавме да ги спасиме девојчињата, кои во моментов се во добра состојба. Ниту едно од нив нема повреда на виталните органи“, изјави Нермин Мадра, градоначалник на Какањ.
Според првичните информации, уништени се седум куќи. Свлечиштето било долго 150 метри и 500 метри широко. Поради можност од повторно движење на земјата прогласена е состојба на природна непогода. Екипите на итната помош, пожарникари и рударски спасувачки екипи се на местото на несреќата, и е забранет пристап до куќите.
„Седум семејства останаа без домови. Спасувачките екипи составени од пожарникари, полиција и тим од цивилната одбрана беа вклучени во акцијата. Можете да видите дека може да има ново лизгање, затоа мораме да бидеме внимателни“, изјави градоначалникот.
Домовите кои се урнаа вчера се изградени на врвот на поранешен рудник за јаглен кој бил затворен пред 50-тина години. Дивоградбите во Босна се во експанзија поради економската криза и сиромаштијата.
Марија Петковска
