Сите населени места добија струја

05.01.2015 15:10

Во земјава веќе нема критични точки и сите населени места добија електрична енергија. Кризниот штаб соопшти дека се спасени 4 лица во Дебарско, кои биле завеани во кола, како и 4 деца и едно возрасно лице од Гари. До вечер струјата ќе стигне и до Луково, Гари и Лазарополе...

Во земјава нема веќе критични места ниту региони без напојување со електрична енерегија, информираа од Кризниот штаб. Откако за само два дена бил ставен во функција, новоизградениот далекувод на потегот Бошков Мост-  трафостаница Јанче со неколку специјални столба околу Дебарското Езеро, биле пуштени и 10 киловолтните изводи кон населените места.

По ова трафостаниците Јанче и Луково се веќе под напон, но екипите на ЕВН ќе продолжат да работат на терен. Без струја остануваат само неколку тешко пристапни населени места, главно без жители, во кои, сепак, до крајот на денот ќе биде пуштена струја.

„Лазарополе и Гари- таму нема жители, а оние кои претстојуваа за празниците беа успешно евакуирани. Се работи за две- три села во Дримкол, на потегот Луково- Глобочица, меѓутоа исто така и тие се ненаселени“, изјави Игор Гиевски, член на УО на „ЕВН Македонија“.

Од снежните наноси расчистени се патните правци до речиси сите населени места. Во акцијата, Дирекцијата за заштита и спасување ставила на располагање 18 булдожери и багери и 14 камиони со резла. На недостапните места, храна се доставувало со хеликоптери, а биле спасени 9 човечки животи.

„Во општина Дебар, спасини се четири лица кои беа завеани од обилните снежни врнежи. Истите беа пренесени на безбедно место, од Лазарополе до Бошков Мост. Исто така во село Гари ДЗС спаси четири дечиња и едно постаро лице кои беа завеани и беа пренесени на безбедно место“, потврди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу.

Од Кризниот штаб со констатција дека состојбите во земјата после снежното невреме се стабилизираат, но дека надлежните ќе продолжат да ги следат.

 

Фиљана Кока