Митрополит Антимос: Да се молиме Грција да не излезе од Европската Унија
Сценариото за победа на Сириза и реализацијата на намерата на Алексис Ципрас за повторно преговарање за условите од Меморандумот се чини многу повеќе ги вознемирува Европејците отколку радикалиот национализам во Грција...

Расте притисокот врз грчкиот електорат. Грците сакаат промени, Европската Унија бара да останат на истата патека. Европските, а во прв ред германските функционери, индиректно се закануваат дека попрво Грција ќе излезе од Еврозоната отколку што ќе дозволат поништување на веќе договорените услови од Меморандумот за штедење.
„Во однос на членството на Грција во Еврозоната, изборот зависи ислучиво од Грција. Не е наше да правиме препоставки во однос на грчките избори и да предвидуваме дали Грција ќе остане или ќе ја напушти Еврозоната. Мислам дека сум многу јасен, Грците се слободни да ја одредат својата судбина. Но, во исто време, обврските се веќе преземени, обврски што ќе мора да се почитуваат“, изјави францускиот претедател Франсоа Оланд.
Сценариото за победа на Сириза и реализацијата на намерата на Алексис Ципрас за повторно преговарање за условите од Меморандумот се чини многу повеќе ги вознемирува Европејците отколку радикалиот национализам во Грција.
Освен европските функционери, индиректно незадоволство од водството на Сириза изразуваат и претставници на грчката Црква, која што според најавите на солунскиот митрополит Антимос, ќе се молела заедно со верниците за Грција да не излезе од Европската Унија.
„Не можам да замислам дека балканските земји како Бугарија, Романија, а за кратко и Скопје ќе бидат во Европската Унија, а Грција не. Ова е национално прашање, постоење, историја...“, истакна Антимос од неделната литургија.
Очекувано, проблемот што Атина го има со нашето уставно и историско име во овој предизборен период дополнително се актуелизира, нагласувајќи го недостигот на консензус меѓу чинителите во грчкото општество по ова прашање.
Позицијата на Антонис Самарас до денешен ден остана нејасна со оглед на тоа што никогаш не даде одговор на пратеничките прашања дали за него сега, за разлика од порано, прифатливо е евентуалното решение да го содржи и зборот Македонија. Иако неговата влада во разговорите под посредство на ОН настапуваше со официјалната грчка црвена линија за сложено име со географска одредница за вкупна употреба што ќе го содржи терминот Македонија, јавна тајна е дека ваквата позиција не ужива целосна поддршка во „Неа Димократиа“.
За разлика од Самарас и Неа Димократиа, Сириза на Алексис Ципрас јасно и недвосмислено ја поддржува официјалната грчка црвена линија.
Според ова, ирелевантно на тоа кој ќе биде следниот грчки премиер, извесно е дека максималистичките грчки барања за името ќе останат непроменети, исто како и децениската пракса на непризнавање на основните човекови права на македонското малцинство во Грција.
Марија Котовска – постојан дописник на МРТ од Атина
