БиХ: Жителите на Какањ во шок по појавата на свлечиштето
Непосредно пред несреќата снема струја и се слушна силен татнеж, веднаш избегавме од домовите, огромно количество земја за миг беше врз нашите куќи, сведочат жителите на Бара. Спасувачките екипи веднаш интервенирале и ги извлекле децата од урнатините...

Жителите на населбата Бара во босанскиот град Какањ се уште се во шок по вчерашната несреќа во која при лизгање на земјиште загина триесет и осумгодишна жена, а три девојчиња се повредени.
Непосредно пред несреќата снема струја и се слушна силен татнеж, веднаш избегавме од домовите, огромно количество земја за миг беше врз нашите куќи, сведочат жителите на Бара. Спасувачките екипи веднаш интервенирале и ги извлекле децата од урнатините.
„За жал едно лице загина, но усеавме да ги спасиме девојчињата, кои во моментов се во добра состојба. Ниту едно од нив нема повреда на виталните органи“, изјави Нермин Мадра, градоначалник на Какањ.
Екипите на итната помош, пожарникари и рударски спасувачки екипи се на местото на несреќата, и е забранет пристап до куќите. Помош за луѓето кои се на улица на минусни температури стигнува од целата држава. Според првичните информации, целосно се уништени седум куќи. Свлечиштето било долго 150 и широко 500 метри. Поради можност од повторно движење на земјата прогласена е состојба на природна непогода.
„Седум семејства останаа без домови. Спасувачките екипи составени од пожарникари, полиција и тим од цивилната одбрана беа вклучени во акцијата. Можете да видите дека може да има ново лизгање, затоа мораме да бидеме внимателни“, изјави градоначалникот.
Домовите кои се урнаа вчера се во близина до поранешен рудник за јаглен кој бил затворен пред 50-тина години. Досега во овој регион не се забележани свлечишта.
Марија Петковска
