ТЕТОВО

Свети Наум зимски одбележан на Попова Шапка

05.01.2015 16:38

Претседателот Иванов со сопругата и синот присуствуваше на одбележувањето на патронот на манастирскиот комплекс на Попова Шапка Свети Наум Охридски Чудотворец. Меѓу верниците бројни беа и охриѓани, кои овој светител го сметаат за свој заштитник...

Со света божествена литургија, запалени свеќи и молитва во манастирскиот комплекс на Попова Шапка беше одбележан неговиот патрон Свети Наум Охридски- Чудотворец.

Со литугијата чиноначалствуваше митрополитот тетовско – гостиварски г. Јосиф. Беше порачано дека Свети Наум е еден од најзаслужните светители што денеска словото божјо е разбирливо за сите верници. Се зборуваше и за значењето на ова светилиште, сместено на падините на Шара.

„Овде, на ова свето место, на овој наш бедем, стои нашето знаме, македонското знаме. Значи Попова Шапка е бедемот наш национален и духовен, овој манастир е нашиот бедем“.

На литургијата беше и претседателот Иванов со семејството, а се собраа верници од повеќе краишта од земјава. Бројни беа и охриѓани кои овој светител го сметаат за свој заштитник.

„Ние сме по потекло од Охрид. Но, овој празник е светиња, не само за охриѓани, туку за цела Македонија“, рече верник од Охрид.

„Ми причинува голема чест и задоволство што доаѓам овде и тоа ќе го правам се додека сум жив“, рече верник од Тетово.

Со кршењето на лебот замесен со паричка, беа одредени новите кумови.

„Чувството да ти падне паричката е многу убаво. Очекувам среќа, здравје и бериќет во новата година“, вели Александар Јованоски – Кум.

Овој манастирки комплекс датира пред повеќе од две децении. Фрескоживописот е создаван од 1993 до 1995 година.

По изградбата во 1993 година манастирот неколку пати е обновуван. Овој период во тек е и обновата на конаците.

На Попова Шапка врнеше снег и дуваше силен ветер. Но, тоа не ги спречи верниците и љубителите на скијањето да уживаат во планинската белина.

 

Зоран Јованоски