„Професорскиот пленум“ одби јавна дебата
Професорите од „Пленумот“ кој се спротиставува на реформите во високото образование одбија дебата за новините што ги предлага владата, а ги објаснува со неопходноста за зголемување на квалитетот на знаењето во образованието. Прво на договорената локација побараа средба во Парламентот наместо во хотел. Откако Груевски го прифати нивното барање се премислија и одбија да влезат во Собранието. Нивниот аргумент е дека на дебатата требало да учествуваат и студенти...

Професорите од „Пленумот“ кои се противат на реформите во високото образовение од премиерот Груевски побараа дебатата за новините да не се води во хотел. Груевски прифати и ги повика аргументите да ги соочат во Парламентот.
Дебата се пресели во законодавниот дом. Сите поканети професори и ректори заминаа во Парламентот, освен „Пленумците“ кои неочекувано се премислија. И покрај тоа што бараа дебата, им беше одобрено барањето за промена на локација, во последен момент се откажаа.
„Често знаеме да се збуниме, да, се збунивме и рековме дека ќе дојдеме, иако е тоа надвор од сета процедура. Не учествуваме во оваа ’фингирана’ јавна дебата, затоа што под број еден- таа е нелегална, односно спротивна на деловничките одредби на Собранието и нелегитимна заради отсуство на студентите од една страна, но и целосно игнорирање на универзитетските ставови од друга“, соопштија професорите од „Пленумот“.
Никаде во понудата за форматот на јавната дебата не е ограничено происуството на студентите, вели владиниот портпарол Ѓорѓиев, потенцирајќи дека и доколку Интеруниверзитетската конференција цени дека е потребно тогаш слободно можат да вклучат претставници на студентите.
„Напротив, ги охрабруваме луѓето од Интеруниверзитеската конференција и нејзиниот претседател да вклучат во рамките на делегацијата и претставници на студентите. Може да вклучат и студенти кои изразија поддршка на реформите, но и претставници на студентите кои изразија несогласување“, нагласи портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Министерството за образование завчера до ректорот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и претседател на Интеруниверзитетската конференција, упати покана за дебата и таа беше прифатена, како што беше посочено, во насока на подобрување на високото образование. Поканети беа лично и професори кои во јавноста изразија забелешки и несогласување со реформите.
Милчо Велески
