Дебата за реформите во високото образование
Премиерот уверува дека автономијата на универзитетите нема да биде нарушена со полагањето на државниот испит и со одборот за акредитација...

Не сакам дипломите да станат предмет на цена. Ние немаме избор. Немаме природни ресурси како нафта и гас, образованието мора да биде наш најсилен ресурс. Свесно влеговме во ова за доброто на сите. На краток рок ќе се наруши комодитетот на многу луѓе, но на долг рок ќе даде резултати, рече премиерот Никола Груевски објаснувајќи ја потребата од реформи во високото образование.
Додаде, оти, не смета дека универзитетските професори се неспособни, напротив со новините сака да ги поттикне на дополнителна научна дејност.
Премиерот уверува дека автономијата на универзитетите нема да биде нарушена со полагањето на државниот испит и со одборот за акредитација.
„Сакаме професори кои ќе бидат меѓународно конкурентни, силни, кои ќе ја претставуваат Македонија насекаде, со своите научни достигнувања, со своето знаење, со својот ум, со своите достигнувања. Тоа сакаме да го постигнеме и тоа сакаме да биде Македонија во иднина. Ние имаме цел да има квалитетен закон и да имаме студенти со поголемо знање, да имаме поуспешни професори, генерално, и да имаме понапредна држава. Ние сме должни како Влада да гледаме на подолг рок, каква ќе биде земјата после 10, 15 години“, рече премиерот Груевски.
Ректорите ги подджуваат измените во високото образование. Првиот човек на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Велмир Стојковски, во своето излагање посочи дека е потребна поширока дебата за измените.
„Ги поддржуваме сите промени кои се во насока на подобрување на квалитетот на образованието, но бараме еден подолг простор за дебата, со оглед на тоа што има 130 страници забелешки кои се однесуваат на некои предлози во Законот за високо образование и навистина заслужуваат поголемо внимане од она што сега го имаат. Не верувам дека има ниту студент, ниту професор, ниту претседател и министер кој што е против промените кои водат кон подобро“, посочи ректорот Стојковски.
Ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Замир Дика, рече дека се согласува со потребата за евалуација на знаењето на студентите, и дека не гледа воопшто проблем доклку некои од професорите во странство би дошле на факултетите да бидат декани.
„За поздравување е водењето на институциите од странски државјани. Јас мислам дека ние имаме такво искуство. Воведувањето на ова во целиот образовен систем јас мислам дека е во саканиот момент и на добар начин преточено во Законот. Со адекватна финансиска поддршка за имање на вакви ресурси мислам дека тоа ќе придонесе за подобрување на интерниот квалитет во високо образовните институции“, смета ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Замир Дика.
Се слушна и констатацијата дека од 1946-та година се полага државниот испит на Медицинскиот факултет, па никој не кажа дека е тоа упад во автономијата на универзитетот.
