Околу половина милион Македонци во САД слават Божик

06.01.2015 10:06

Околу половина милион Македонци во Соединетите Американски Држави го слават Божик во храмовите на Македонската Православна црква. Православните христијани во Америка за Божик посакаа мир во светот...

Православните христијани во Соединетите Американски Држави го слават Христовото раѓање-Божик со желби за мир во светот. Минатата година покажа дека на сите луѓе во светот им е потребен мир и затоа се молиме оваа 2015-та година да биде помирна, вели отец Џорџ од црквата „Свети Николас“ во Вашингтон.

„Мир во светот и добра волја меѓу луѓето! Тоа се добрите вести што на Земјата ги донесе нашиот спасител Исус Христос. Преку љубов Господ им даде спасение на луѓето и љубов ќе ни биде потребна во овој свет. Колку страдања доживеавме насекаде во светот во 2014-та, да даде Господ оваа година да биде помирна, попријатна и поудобна за луѓето на коишто ова им е потребно. Господ да ги благослови особено луѓето што помагаат на христијаните што страдаат!“, вели Џорџ Когно, свештеник во православната црква „Свети Николас“ во Вашингтон.

Иако Бадник и Божик се работни денови во Америка, верниците коишто можат ги посетуваат литургиите во православните цркви. Семејно почесто доаѓаат во недела на богослужба. И Македонците во Америка го слават Христовото раѓање исто како и во татковината.

„За Божиќ празнуваме исто како и во Македонија со сите обичаи и традиции покрај редовната богослужба имаме Света литургија. Бадник го прославуваме навечер како што се слави и во Македонија“, изјави отец Васил Манасиев- свештеник во Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Кливленд, Охајо.

Со поздравот „Христос се роди- навистина се роди“ во сите храмови на Македонската православна црква во Америка се слави Христовото раѓање-Божик.

Среќен Божик од екипата на Македонската телевизија во Вашингтон.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ