Обичаи за Бадник: Посна трпеза за среќа, здравје и бериќет
Посна трпеза за среќа и бериќет, благослови за здравје на целото семејство. Така е за Бадник, а радосно и на Божик. Обичаите, главно единствени, во Прилеп лепчето со паричката е за Василица за етнолозите обичаите значат човекот прочистен да влезе во новиот годишен циклус. Ви ја пренесуваме атмосферата за Бадник од Прилеп...

Трпеза од се по нешто, целото семејство на број. Прилепчани подготвени за прославата на Бадник и Божик. Главно, обичаите единствени, со неколку посебности за својот крај
„Од се по нешто: гравче, рипче, сарми, тиква, костенче, оревче, се... Се меси колаче, некои со паричка, но ние прилепчани за Василица ставаме...“, велат анкетираните граѓани.
Бадниковото гранче, а и смреката ќе најдат свое место на трпезата.
„Пред Божик, зад Божик, на Бадник дома да си. Без разлика кај да си, тука да бдеш. И вечерта не се раскрева синијата, односно масата, само се покрива со чаршав, мислејќи дека Господ ќе дојде да вечера со нас“, вели прилепчанката Марија Талеска.
За етнолозите, во коренот на обичаите е потребата на човекот да почне нов циклус, прочистен од гревовите.
„Низ цела година правиме грешки и некогаш треба да ни се простат грешките. Треба да се исчистиме. Огновите, последниот клас жито што се наоѓа во онаа пченица која ја вариме, лебот кој се меси за Бадник, Божик, за Василица, тоа сето нас не чисти, во суштина од гревовите за да го почнеме новиот циклус. Ние, во суштина, потврдуваме дека сме огоплашливи и верни суштества“, вели етнологот Александар Цветкоски.
Пренесувањето на традициите од колено на колено е зачувување на духовното богатство.
„Како нас што ни ја пренесле баби, свекрви, мајки и ние така им пренесуваме на нашите деца“, вели Менче Пејоска.
Бадниковата трпеза, нераскрената, ќе го пречека христовото раѓање.
Елизабета Митреска
