Реформи во образованието

МОН прифати седум забелешки од академската заедница изнесени на вчерашната дебата

06.01.2015 17:28

Министертвото за образование прифати седум предлози на академската заедница изнесени на вчерашната дебата на Интеруниверзитетската конференција. Владата ги повика студентите и професорите да ги испратат писмено на ново разлгедување сите доплонителни забелешки и сугестии...

Министерството за образование прифати седум забелешки од универзитетската фела искажани на вчерашната дебата за Законот за високо образование.

Одборот за акредитација да биде зајакнат со дополнителен стручен кадар, предлог од Штуловиот универзитет. Просекот за упис на факултетите за образование на наставниците од областа на спортот да биде 3, наместо 4, побараа УКИМ и државниот тетовски универзитет.

Постдипломските студии ќе може да се акредитираат во траење од една или две години. Прифатен е предлогот на неколку универзитети да не важат законските одредби во делот на усогласувањето на содржините со студиските програми на некој од 50-те универзитети од Шангајската листа.

Ќе се воведе и јавен регистар на авторски трудови во меѓународни научни списанија што се дел од базата „Веб оф сајанс“. Предлог и за полагањето на Државниот испит.

„Да има услов да ја слуша четврта година, да може да ја слуша четврта година, а во меѓувреме да го полага првиот дел од испитот, како и можност да го полага и вториот дел“, предложи проф. д-р Саша Митрев, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип.

Премиерот Груевски реформите ги објаснува со подобрување на квалтиетот на знаењето, за доброто на сите е зголемување на стандардите во образованието.

„Се што се слушна, што допре до нас, ние го запишавме, го изанализиравме и имаме одговор за се, односно дел ни е прифатливо, и како што гледате деновиве прифативме доста работи,  и тоа јавно, дел е делумно прифатливо, и имаме аргументи за тоа“, рече премиерот Никола Груевски.

Попладнето Владата упати апел до сите што имаат конкретни и аргументирани предлози, до универзитетите,професорската фела, студентите, вклучително и оние професори и студенти што побараа, вчера прво прифатија дебата па се откажаа,писмено да ги достават,за да бидат детално разгледани и да се разгледа можноста за евентуално нивно вградување во законот.

Денеска уште 14 универзитетски професори се приклучија на листата на професори кои ги поддржуваат реформите во високото образование, со што оваа иницијатива за поддршка на новините станува се помасовна.

 

Милчо Велески