Скопјани на Бадник на чист воздух на Водно
Некои велат- по празничните гозби добро е да го потрошиме тоа што е изедено и испиено. Снегот ги мамеше и најмладите со санките...

Само најиздржливите на студот денеска беа на Водно. Слободниот ден го искористија за чист воздух и рекреација. Некои велат- по празничните гозби добро е да го потрошиме тоа што е изедено и испиено. Снегот ги мамеше и најмладите со санките.
„Ладното време кај нас е како синдром да се седи дома, да се остане додека не затопли времето уште два месеци, па тоа го сватив ај да пробаме како е на поладно човек да се рекреира и супер е... Јас секој ден доаѓам до крстот и за мене е ова само обичен ден ништо поразличен од вчерта или завчера... Дојдов со мама да се санкам и да го поминеме времето во природа...“, велат дел од посетителите.
И покрај временските услови, мразот и силниот ветер, вработените во домот на врвот на Водно се задоволни од посетеноста на граѓаните.
„Во последните денови имавме проблем со жичарата која што неможеше да работи затоа што имаше ветер, кога жичарата работи нормални ние имаме голема посетеност. Во бројки неможеме да кажеме колку точно, според наша проценка има 200, 250 до 300 луѓе“, вели Трајко Цветков, одговорен на Домот на Водно.
Но, Водно знае и за многу поголема посетеност. Во убавите сончеви денови на чист воздух доаѓаат илјадници луѓе.
Новогодишните и Божикните празници, но и ниската тенмература се чини се инспирација многумина од нас да си останат во топлите домови.
Водно одамна не било толку тивко и празно како што е денеска.
Андријана Атанасовска
