Хиршер фантастичен, Ристевски без пласман
На падините на Сљеме без вистинска конкуренција го доби четвртиот слалом во сезоната, избивајќи на водечката позиција во генерален пласман...

Австриецот Марсел Хиршер си поигра со конкурентите во првата трка од Светскиот куп во 2015-та година. На падините на Сљеме без вистинска конкуренција го доби четвртиот слалом во сезоната, избивајќи на водечката позиција во генерален пласман. Со голема предност Хиршер го заврши првото возење, во кое не беа во форма неговите главни конкуренти Пантуро, Кристоферсен, Нојројтер...! Германецот Нојројтер имаше подобро второ возење, но стигна само до втората позиција со заостанување од 81 стотинка.
Трет беше Норвежанецот Себастијан Солеваг со 1 секунда и 4 стотинки послаб резултат. Хиршер ја постигна 25-та победа во кариерата во трките за Светскиот куп, 15-та во слалом. Со вкупно 676 бодови изби на чело во генерален пласман, пред Норвежанецот Кјетил Јансруд со 624 бодови.
Во денешниот слалом во Загреб скијаше и Антонио Ристевски, но не го заврши првото возење. Најдобриот македонски алпинец втор пат во сезонава беше дел од една трка од Светскиот куп. Првиот беше во австрискиот Зелден, кога остана без пласман во велеслалом.
