Македонската филхармонија одржа Божикен концерт

07.01.2015 15:46

Идејата е тој да стане традиционален во славењето на денешниот празник. Публиката уживаше во композициите од Јохан Себастијан Бах, и во ариите од Хендл и од Моцарт...

Се разлејаа звуците на ариите на Бах, Хендл и Моцарт. Првиот концерт на Македонската филхармонија го слави најголемиот христијански празник Божик, со програма со духовна содржина. Љубителите на класичната музика со надеж дека ќе прерасне во традиционален.

Како солист настапи  младата оперска певица Сандра Митровска, под диригентската палка на маестро Борјан Цанев.

Публиката беше воодушевена од прекрасните композиции на Бах од „Божикниот ораториум“ и неговата позната Оркестарска свита број 3, како и „Божикниот концерт“ на Корели. Беа изведени и ариите „Омбра маи фу“ од операта Ксеркс на Хендл, а првата изведба во Македонија ја доживеа моцартовата „Лаудате доминум“.

Македонската филхармонија концертната сезона во Новата година ја продолжува на 22-ри јануари, кога со оркестарот ќе настапи врвната јапонска виолинистка Акико Суванаи.

 

Александра Перевска