Седум години Ронтис, седум години работен стаж

07.01.2015 16:53

Работата во странските компании за македонските работници е предизвик и можност за докажување дека умееме да го покажеме нашиот квалитет и посветеност. Една таква приказна, датира од почетокот со работа на првата странска инвестиција во Велес...

Седум години, секој работен ден, на оваа постојка Пале Димонова го чека фабричкиот автобус за да стигне до работното несто. Таа е една од четиристотината вработени во  компанијата Ронтис, првата поголема странска инвестиција во Велес. Присетувајќи се на своите почетоци Пале вели, на почетокот беше тешко, сите за прв пат седнавме зад вакви машини, одговорноста беше голема, за среќа имавме помош.

„Денес сум сменоводител и пример за многумина дека во оваа компанија може да се напредува од работник па нагоре“, вели Пале Димонова.

Обучени работници за работа на вакви машини во Македонија нема, затоа инвеститорот во склоп на фабриката формирал обучен центар.

„Вработените се обучени за секој тип на обука што следи и спрема законот, значи и кон законот за безбедност и здравје при работа, како и за обуката која треба да ја имаат за самиот процес на производство“, изјави Љубица Јаневска, Ронтис.

Скоро седумдесет проценти од вработените во Ронтис се работнички вработени во првите години кога и компанијата го имала својот развој. Покрај обезбедениот пласман на произведеното, за успешното економско работење допринесувале и владините мерки.

„Имаме 15 вработени млади лица до 29 годишна возраст кои на некој начин се субвенционирани преку проектот на Владата на Република Македонија. Продолжуваме со истата развојна динамика, очекувајте и во иднина Ронтис да се проширува“, вели Бојана Димовска, Ронтис.

2014-та година, вработените ја завршија со 20 проценти зголемено производство на крвни линии кои ќе завршат на пазарите во Германија, Норвешка, Данска, Шведска и Италија.

За квалитетот на производот кој се произведува во Велес, во фабриката на Ронтис говори и наградата која што оваа фабрика пред две години ја доби, а се однесува на првао место по квалитет на крвни единици за хемодијализа во Европа и второ во светот.

Дијана Иванова