Нафтата двојно поевтини, еврото на 9-годишен минимум во однос на доларот
07.01.2015 17:55
Нафтата продолжува да паѓа. Европскиот „брент“ падна под психолошката граница од 50 долари. Црното злато двојно поевтини, поради превисоката понуда и забавувањето на растот на главните светски економии. Еврото е на деветгодишен минимум во однос на доларот...

Берзите се стабилизираат, а нафтата продолжува да паѓа. За терминските испораки барел се продава и под 48 долари. Никој не се осмелува да го прогнозира движењето на цената. На сцена е безмилосна пресметка меѓу старите и новите производители. Членките на ОПЕК упорно ја држат дневната квота од 30 милиони барели и покрај падот на цената, со единствена цел да ги елиминираат американските компании кои имаат повисоки трошоци, произведувајќи нафта од шкрилци.
„Бидејќи нема знаци дека ОПЕК ќе преземе мерки против хипер продукцијата, може да бидеме сведоци на нови падови во следните недели, затоа што побарувачката не расте“, смета Мајкл Хјусон, аналитичар на ЦМЦ Маркетс.
За прв пат од 2005-та цената на европскста нафта „брент“ падна под психолошката граница од 50 долари.
„Не заборавете го падот во 2008-ма кога нафтата се симна на 35 долари за барел. Се уште има потенцијал за ценовна слабост кај нафтата“, вели Колин Чизински, аналитичар.
Црното злато поевтини за повеќе од 50% во однос на јуни, поради превисоката понуда и забавувањето на растот на главните светски економии. Еврото е на деветгодишен минимум во однос на американската валута и денес се разменува за 1,18 долари. Падот на суровата нафта најтешко ги погоди норвешката круна и руската рубља, предизвикувајќи драстично намалување на буџетските приливи.
Свето Николовски
