Владата и МОН отворени за нови предлози за реформи во образованието

07.01.2015 17:49

Владата и министерството за образование се отворени за нови предлози за образовните реформи. Тие очекуваат нови сугестии од академската фела. Имаат време до петок, за кога е закажана Собраниската комисија за образование...

Владата и Министерството за образование остануваат отворени за сугестии и предлози за пакетот реформи во образованието,што беа предложени уште во октомври. Посочуваат дека дебатата преку конференции,дискусии,изјави и средби со ректорските управи трае 3 месеца и се уште е отворена за нови предлози.

Целта е велат,да се креира решение што ќе го подобри квалитетот на знаењата и вештините на студентите,на наставниот кадар и на образованието во целина. По јавната дебата во понеделникот во Собранието на која учествуваа премиерот Груевски и членовите на интеруниверзитетската конференција,детаљно биле  анализирани сите предлози. Иако најавија присуство откако беше сменета локацијата, од професорскиот пленум не учествуваа на расправата.

Владата и министерството за образование прифатија 7 предлози. Студентите да полагаат една половина од предметите во трета година,независно дали го положиле или не државниот испит на крајот од втората студиска година-предлог на штипскиот универзитет.

УКИМ и државниот тетовски универзитет предложија просекот за упис на наставниците од областа на спортот од 4 да се намали на 3. Постдипломските студии ќе може да се акредитираат во траење од една или две години.

Прифатен е предлогот на неколку универзитети да не важат законските одредби во делот на усогласувањето на содржините со студиските програми на некој од 50-те универзитети од Шангајската листа.

Ќе се воведе и јавен регистар на авторски трудови во меѓународни научни списанија што се дел од базата „Веб оф сајанс“. Владата и ресорното министерство прифатија и предлози од универзитетот „Свети Климент Охридски“.

Изминатите денови беа прифатени уште 20-на предлози. Преземање на студиските програми од најдобрите сродни европски и светски универзитети според Шангајската листа,предлог на Штуловиот универзитет. Од ФИНКИ предлог, 60 до 70 насто од студиските програми да се компатибилни со најдобрите светски универзитети.

Државниот испит да не се полага квартално, во периодите кога трае полагањето колоквиуми, предложи УКИМ. Факултетот за музичка уметност побара менторствата за втор циклус студии да не подлежат на критериуми што важат за научно- истражувачката дејност.

На иницијатива на УКИМ корегирана е одредбата во која менторот мора да објави трудови во првите 50 списанија од соодветната област во базата на „Веб оф сајанс“. Доволно е тој да биде објавен во кое било списание од базата.

Од Владата и Министерството за образование уверуваат дека можноста за дискусија останува отворена. Упатија повик сите што имаат предлози тоа да го направат во духот на конструктивноста.

 

Милчо Велески