Детроит славеше во Сан Антонио за шеста победа во серија
Прецизниот шут на Брендон Џенингс на 7 секунди пред крајот придонесе за враќање на Детроит од негативата од 18 поени на полувремето...

Кошаркарите на Детроит Пистонс играат како во најдобрите денови. Рано изутрина во трилер финиш ја остварија шестата победа по ред и тоа во “АТ&Т центарот“ на гостувањето кај бранителот на титулата Сан Антонио, со 105 : 104. Прецизниот шут на Брендон Џенингс на 7 секунди пред крајот придонесе за враќање на Детроит од негативата од 18 поени на полувремето, и за нивна најдолга победоносна серија во последните 6 сезони. Иако е само 13 во Источната конференција, тројниот НБА шампион почнува да размислува за “плеј оф“ завршницата од која се на 4 победи зад осморангиораниот Мајами. Најдобар кај победникот беше Андре Драмонд со 20 поени и 17 скокови, а кај домаќините Тим Данкан со 15 поени. Тоа беше 15 пораз сезонава за Сан Антонио за 7 позиција на Западот, со остварени 21 победа.
Со идентичен ефект во победи е и Феникс Санс, откако беше подобар на гостувањето кај Милкоки Бакс од 102 : 96. Осмата победа во последните 10 натпревари беше остварена во последниот период, кој гостите го добија со 31 : 24 предводени од Маркиф Морис со 26 поени и 10 скокови. Во редовите на Милвоки ист број на поени постигна Брендон Најт, но тоа беше недоволно да се избегне 18 пораз по кој Милвоки е шестопласиран во Источната конференција. Најдобар во НБА и натаму е Голден Стејт со 27 – 5, а на Истокот лидер е Атланта на Перо Антиќ со 26 победи и 8 порази.
