Третата етапа на релито “Дакар“ со фатални последици за Херник

07.01.2015 19:13

Според официјалното соопштение, телото на 39 годишниот натпреварувач било пронајдено на оддалеченост од 300 метри од патеката на етапата на релација Сан Хуан – Чилесито во Аргентина, а причините за несреќата засега се непознати...

Полскиот мотоциклист Михал Херник е последната жртва на релито “Дакар“ кое годинава се вози во Јужна Америка. Според официјалното соопштение, телото на 39 годишниот натпреварувач било пронајдено на оддалеченост од 300 метри од патеката на етапата на релација Сан Хуан – Чилесито во Аргентина, а причините за несреќата засега се непознати. Одговорните лица во трката го загубиле сигналот со возачот околу 3часот и 16 минути по локално време, а седум минути подоцна решиле да го пребаруваат теренот со хеликоптер на местото каде што последен пат оствариле контакт. Несреќниот мотоциклист цели две години се подготвувал за своето деби во најозлогласеното рели во светот, на кое не ретко се случуваат стравични инциденти, во конкуренција на автомобили, теренски возила, мотоцикли и камиони.

Тој е 5 жртва од 2009 година откако релито е префрлено од Африка во “поприфатливите“ услови кои владеат во јужноамериканските земји. Во својата 36 годишна историја овој настан однесол вкупно 24 животи на натпреварувачите, а вкупно со несреќните жители кои им се нашле на патот загинале вкупно 66 лица. Годинашното издание на релито ќе се вози низ тешко проодните предели во Аргентина, Чиле и Боливија, а целта е во Буенос Аирес на 17 јануари.